
Порака по повод Светскиот ден на волонтерите од нашиот ПХВ дисеминатор за 2019 година – Викторија Андонова
Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности или кратко ЦКА-ПХВ претставува повеќе од само програма која ја имплементира нашиот Црвен крст. Тоа е алатка со која младите основци и средношколци од училиштата имаат шанса да бидат различни од своите врсници, да се изградат како лидери, да направат позитивни промени кај себе. На самиот почеток тие добиваат пакет од три обуки кои се состојат од историјат на Црвен крст, од тоа како се изработува еден проект и како сработеното да го преточат во извештај. Потоа се делат во тимови на кои им е доделен ментор или лице кое претходно се истакнало изработувајќи проект претходната година. Во склоп на своите тимови, младинците прават истражување на лица на кои им е потребна помош, ги посетуваат и разговараат со нив за нивните потреби. Врз основа на прибраните информации тие одбираат кому ке помогнат. Потоа во период од 2 до 3 месеци, младинците прават се што можат за да ги задоволат потребите и барањата на своите корисници што всушност е сето она што тие го учат на втората обука. По ова следува третиот чекор односно преточување на сработеното во извештај за што се следи даден рок. Откако ке се испратат извештаите, се чека сите проекти на национално ниво да ги оценат квалификувани лица наречени инстуктори за крајот на мај да добиеме соодветни оценки на сработените проекти. Исто така заедно со оценките се добива и листа на лица кои ке бидат присутни на три дневна финална работилница во Струга. Таа работилница е водена од координаторот на програмата, дел од инструктори, а присутни се дисеминатори и младинци кои имаат најмногу вложено време или најмногу волонтерски часови. Можеби возењето на лудата железница заврши тука, но не и ПХВ 2019 година. Има уште неколку активности кои традиционално се случуваат. Такви се излет во склоп на општина каде се играат игри од финална работилница и раскажуваат приказни, кој ние го направивме на Гоцева шума и гледање на филмот Pay it forward кој ние заедно го гледавме во градската библиотека Искра. Исто така на 25 септември во 11 часот секоја ООЦК направи марш за тн. ПХВ недела со кој се испрати порака за меѓусебно разбирање, толеранција, почит и за нашата еднаквост. Денес сме тука да ја одбележиме последната активност во склоп на ПХВ циклус 2019 која е доделување на благодарници на младите херои од нашиот град.
Младинци и ментори, овие неколку минути ќе ги одвојам за да ви се обратам вам
Секогаш бидете упорни за се во животот, како што бевте упорни додека ги изработувавте вашите проекти. Секогаш помагајте им кога можете на тие на кои им е потребна помош и барајте помош кога вам ви е потребна. Цутете како личност како резултат на вашето внатрешно растење. Не плашете се да бидете уникатни, различни од мнозинството бидејќи тоа е ваша дарба. Насмевнете се и дозволете да ве обземе убавината на вашите години, сега сте во најубавите. Ви благодарам што бевте прекрасни и многу вредни од месец јануари до сега. Продолжете да цутите.